Коронавирус во Севилја на една недела пред Лигата на Европа

Шпанскиот прволигаш Севилја обелодени дека еден од фудбалерите на оваа екипа е позитивен на коронавирус. Фудбалерите на Севилја добија неколку дена одмор, по што викендов се вратија на тренинзи во пресрет на предизвиците во Лигата на Европа. Пред почетокот на тренинзите сите беа тестирани, за денеска да биде обелоденето дека еден од тестираните играчи бил позитивен на Covid-19.

Името на фудбалерот не е обелоденето во јавноста, а шпанскиот клуб објави дека ги следи сите протоколи. Среќна околност е што првите два тренинзи сите фудбалери ги држеле индивидуално, во исчекување на резултатите од тестирањата. Заразениот играч е ставен во самоизолација, а се очекува во наредните три дена поинтензивно да се тестираат и останатите фудбалери.

Доколку нивните тестови повторно бидат негативни, тимот од Андалузија ќе отпатува во Германија, каде на 6 август треба да го игра осминафиналниот меч од Лигата на Европа против Рома (на неутрален терен во Дуизбург). Сепак, доколку заразата се прошири на повеќе играчи во тимот, постои сериозна опасност овој натпревар да се одложи, што би значело ново целосно нарушување на календарот на УЕФА за завршницата на европските купови.

Се вчитува...