Кошаркарите ги започнуваат подготовките за Естонија и Полска

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација денеска од 18 часот во СРЦ „Кале“ ги започнува подготовките за почетокот на квалификациите за пласман на Евробаскетот 2025 година.

Првиот предизвик за избраниците на Александар Јончевски ќе биде Естонија во натпревар кој е закажан за во петок на 23. февруари во Скопје, а три дена подоцна „црвено-жолтите“ ги очекува и втората средба од овој прозорец против селекцијата на Полска на гостински терен.

Репрезентативците подготовките ќе ги поминат во нашиот главен град, а на списокот на селекторот засега остануваат четиринаесет имиња: Војдан Стојановски, Дамјан Стојаноски, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Марин Петков, Андреј Магдески, Андреј Маслинко, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Виктор Ефремовски, Ненад Димитријевиќ, Адем Мекиќ, Лејсон Зекири и Итан Хап.

Се вчитува...