Кошаркарите на „принуден одмор“ до февруари 2021

Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе нема официјални натпревари до февруари 2021 година, откако ФИБА реши да ги откаже и презакаже ноемвриските средби од квалификациите за Евробаскет 2021.

Во текот на денешниот ден дошло до разговори меѓу претставници на ФИБА и на УЛЕБ, при што е дојдено до заклучок дека на националните кошаркарски лиги ќе им биде потребно повеќе време за адаптација на новонастаната состојба. Поради ова, генералниот секретар на ФИБА, Андреас Заглис, се согласил на презакажување на ноемвриските квалификации за февруари 2021 година, додека за оние средби што требаше да се играат во февруари дополнително ќе биде најден нов термин.

Официјализацијата на оваа информација се очекува во следните 48 часа, што ќе значи дека македонскиот национален тим ќе има пауза од една година од почетокот на квалификациите, што ги почнавме со порази од Естонија и од Русија, до новите предизвици во обид да се обезбеди пласман на Евробаскет 2021.

Се вчитува...