Кошаркарите негативни, може да се почне со тренинзи

Доцна синоќа, веднаш по пристигнувањето во хотелот „Хилтон Талин Парк“, нашата машка сениорска репрезентација, беше тестирана од страна на одговорните лица на ФИБА. Резултатите од PCR тестирањето се негативни, па нема промени во плановите на стручниот тим предводен од селекторот Александар Тодоров. Според планираните активности за 24. ноември, играчите добија продолжен одмор.

Ќе има само еден тренинг. Закажан е за 17.15 часот во салата „Саку Сурхал“ каде од 28. до 30. ноември ќе се играат натпреварите од „Б“ квалификациската група за пласман на ЕП 2022 година.

Инаку, за време на престојот во естонската престолнина, нашата најдобра селекција ќе одработи најмалку осум тренинга. Планирани се уште два, но тие се водат како незадолжителни.

Согласно со распоредот на тренинзи на Тодоров, само на 26.ноември (четврток) ќе се тренира два пати.  Тренинзи се планирани и на денот на одигрување на средбите со Италија, односно Естонија.

На 28. ноември (сабота) Македонија ќе тренира од 10.часот (од 15.30 часот ќе се игра мечот со селекцијата на Италија), додека пак на 30. ноември (понеделник), нашите кошаркари ќе тренираат од 12.часот.

Од 20.30 часот, ќе играме против репрезентацијата на Естонија, кога и се затвора овој ноемвриски „прозорец“ на ФИБА.

Се вчитува...