Кошаркарите со пораз од Чешка го завршија претквалификацискиот турнир

Кошаркарската репрезентација на Македонија со пораз од Чешка (94-82) го заврши настапот на претквалификацискиот турнир за ЛОИ во Париз 2024 кој се игра во Талин.

Македонија го одигра најдоброто прво полувреме на квалификацискиот турнир, откако дваесет минути беше во егал со фаворизираната Чешка, а во неколку наврати имаше и предност. Сепак, падот во финишот на првото полувреме доведе до тоа Чесите на пауза со плус шест (45-39).

Избраниците на Александар Јончевски катастрофално го стартуваа вториот дел. Чесите погодуваа од секоја позиција, а по само три минути игра во третата четвртина стигнаа до највисоките до тој период плус тринаесет (54-41). До крајот Чесите само рутински го приведоа мечот за конечни 94-82.

Во репрезентацијата на Македонија повторно единствен расположен беше Ти Џеј Шортс кој натпреварот го заврши со 27 поени. Кај Чесите најдобар поединец беше Томаш Кизлинк кој заврши со 18 поени.

Се вчитува...