Кошаркарките против Србија во евроквалификациите

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва ќе ја пречека Србија во натпревар од 2. коло во квалификациите за Европското првенство 2025 година. По поразот на гостувањето кај Португалија, избраничките на Ашаданов ќе имаат тешка задача на домашен терен против фаворитот во сегментот.

Една од најискусните кошаркарки во нашиот состав, Нена Трајчевска, очекува доста тежок натпревар, гледано и според квалитетите на селекцијата која е наш гостин во СРЦ „Кале“.

„Очекувам еден многу тежок натпревар, бидејќи сите знаеме каква екипа имаат Србија и каде рангираат во женската кошарка во светот. Тие се апсолутни фаворити и таа улога им ја препуштаме без никакво размислување и со голем респект кон нив. Но, тоа не значи дека ние ќе излеземе на терен исплашени, и без желба за докажување и играње против тие девојки. Ќе дадеме максимум да се покажеме во најдобро светло, и оставиме една слика која ќе ни биде мотив за сите идни заеднички собири и натпревари“, вели Трајчевска. 

Натпреварот кој ќе се игра во СРЦ „Кале“ е закажан со почеток во 18 часот.

Се вчитува...