Кошаркарски игри без граници: Давитков ќе лета до Кувајт пред Романија

Македонската репрезентација ќе отпатува за Плоешти без селекторот Јорданчо Давитков, кој ќе мора да замине за Кувајт и да го води својот клуб во финалето од Купот на Емирот в среда, по што потоа ќе одлета за Романија каде в четврток ќе ја води националната селекција на последниот квалификациски натпревар.

Проблемот настанал откако во последен момент било презакажано финалето што претходно било договорено за следната седмица, па раководството на Квадсија јасно му ставило до знаење на македонскиот селектор дека клупските обврски согласно договорот мора да му бидат приоритет.

„За жал, ситуацијата се промени буквално во „пет до дванаесет“, па откако пристигнав во Скопје ми беше кажано дека морам да се вратам назад во Кувајт за финалето од Купот на Емирот в среда. Ќе го водам тренингот и денеска и утре, кога кошаркарите ќе летаат за Романија јас ќе бидам на пат за Кувајт, а веднаш по мечот ќе се упатам кон Романија. Според авионските билети треба да сум во Плоешти в четврток наутро и ќе го водам последниот тренинг пред мечот со Романците. Ќе летам 12.000 километри во рок од неполни два дена, но нема друг излез од ситуацијата, се надевам дека ќе вреди и дека на крајот ќе се радувам на две победи“ – истакнува селекторот Давитков.

Се вчитува...