Кошарката во 2022: Димитријевиќ, чудото наречено ТФТ, Рајковиќ…

Ниту 2022 година не донесе многу позитивни промени во кошаркарска Македонија. Нашите сениорски репрезентации повторно не беа дел од големите настани, нашите клубови не успеаја да направат голем успех на интернационалната сцена, но и покрај тоа имаше доволно радосни моменти вредни за ЕКИПА издвојување.

Македонската сениорска репрезентација одново беше дел од еден претквалификациски циклус кој засега оди перфектно. А, најзаслужни за тоа се Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс на чии крилја славевме во натпреварите против Данска.

Шок за Данците во Нествед приреди Димитријевиќ кој со звукот на сирената донесе злато вредна победа, а потоа натурализираниот Македонец во вториот натпревар во националниот дрес ги доби овациите од гевгелиската публика откако приреди неверојатен камбек и одново со тројка донесе македонско славје.

2022 година го одбележа и враќањето на Војдан Стојановски во македонската клупска кошарка по повеќе од една деценија. Репрезентативниот капитен кој во почетоците на својата кариера забележа настапи за Варар, Амак СП и Фени Индустри го одбра МЗТ Скопје, а беше огромна помош за аеродромци да се изборат за место во елитата на АБА лигата.

Самото тоа е уште еден голем момент за македонската кошарка изминатата година, а оваа што ни претстои нека биде во знакот на успешното задржување на местото меѓу најдобрите екипи од екс-ју просторот. Единствено нешто што недостасува во овој поглед е публиката која по пауза од пет години мора повторно да го засака овој спорт.

Емил Рајковиќ по добро ќе ја памети оваа година, откако доби шанса да седне на клупата на еден од најголемите европски кошаркарски колективи – ЦСКА Москва. Македонскиот стратег максимално ја оправда укажаната доверба и бележи извонредни резултати, не знаејќи за пораз од самиот почеток на натпреварувањето во силната ВТБ-лига.

2022 година донесе и прекин на доминацијата на најголемите македонски клубови во Куп натпреварувањето. Најзаслужен за тоа е ТФТ кој во три дена успеа да слави против првите три екипи на табелата и да влезе во историјата како само седми клуб кој во 29 години успеал да го одземе трофејот од МЗТ Скопје или Работнички.

Куп титулата на „црно-белите“ им донесе и настап во квалификациите за Лигата на Шампони, а раководството на клубот на чело со Боро Смилковски успеа да го донесе и силниот турнир на кој настапуваа тимови како Тофаш, Кемниц, Волунтари, Фрибург и Лестер во Скопје.

Изминатата година ќе остане и во знакот на уште еден скопски клуб, Феникс 2010 кој не успеа да стигне до трофеј и да прекине доминација, но направи голем успех во своето претпознатливо светло. Младиот тим предводен од Денис Дервишевиќ дебитираше на прволигашката сцена претходната сезона, успеа да слави против сите тимови во првенството, но и да го задржи впачатлиот концепт на работа.

Овој клуб е претпознатлив во „производството“ на младите кошаркари уште од самото формирање, а три од нив кои важат за голема надеж на македонската кошарка: Андреј Митревски, Амар Хот и Марин Петков искуството кое го стекнаа во „виолетово-жолтите“ бои го пресликаа и во националните и допрва треба да бидат оние кои ќе донесат среќни моменти за кошаркарска Македонија.

Се вчитува...