Кошмар за Гидсел – скинати лигаменти и крај на сезоната за данскиот „бомбардер“

Матијас Гидсел заработи незгодна повреда во првата минута од „малото финале“ на ЕП 2022 во Будимпешта, а деталните лекарски прегледи донесоа лоша вест за данскиот „бомбардер“, кој има скинати лигаменти на коленото на десната нога и ќе мора да отсуствува меѓу четири и шест месеци од ракометните терени.

Ова воедно е и неславен крај на неговата кариера во ГОГ Гудме, со оглед на фактот дека Гидсел веќе го договори летниот трансфер во редовите на бундеслигашот Фуксе Берлин. Со повредата на десниот бек сериозно се намалуваат и шансите за титула на ГОГ Гудме во Данска, откако овој тим извонредно ја стартуваше сезоната, со 16 победи и едно реми во првите 17 кола и дури осум бода предност во однос на актуелниот првак Алборг.

„Секако дека сум многу тажен поради целата ситуација. Се наоѓаме среде сезона, имаме одлични резултати со ГОГ и требаше да играме низа неверојатни натпревари. За жал, јас нема да можам да им помогнам на соиграчите, а не ми останува ништо друго освен да се насочам кон целосна рехабилитација на повреденото колено“, изјави Гидсел.

Се вчитува...