Кошмар за ПСЖ – Мбапе „во аут“ цел месец, а Кавани најмалку 20 дена

ПСЖ прескапо ја плати победата против Тулуз, откако „светците“ останаа без двајцата клучни голгетери, Килијан Мбапе и Единсон Кавани. Двајцата напаѓачи заработија повреди на мускулот, а според првичните информации од лекарскиот тим на ПСЖ, полошо мина Мбапе.

Имено, кај францускиот репрезентативец е утврдено кинење на мускулот, што ќе значи пауза од најмалку еден месец од фудбалските терени. Ова значи дека Мбапе ќе пропушти најмалку четири средби од домашното првенство, против Мец, Стразбур, Лион и Ремс, премиерниот меч на „светците“ од Лигата на шампионите, како и двете септемвриски средби на француската репрезентација, против Албанија и Андора.

Кај Кавани состојбата е нешто подобра, па лекарите предвидуваат пауза од околу 20 дена. Ова значи дека Уругваецот би требало да биде подготвен за настап за гостувањето на „Жерлан“ против Лион, закажано за 22 септември.

Се вчитува...