Косово без Американец доаѓа на мегдан со Македонија

Репрезентацијата на Косово ќе биде значително ослабена за претстојното гостување против Македонија, откако беше обелоденето дека Американецот Малколм Армстед нема да биде во комбинација за настап за оваа селекција. Одличниот бек требаше да биде големо засилување за тимот предводен од Дамир Мулаомеровиќ, но на последниот меч за својот клуб Бујукчекмече тој заработи незгодна повреда.

Поради ова Армстед воопшто не се појави на подготовките на косовската репрезентација и ќе ги пропушти двете средби, најпрвин гостувањето во Романија, а потоа и неделниот меч во Гевгелија против селекцијата на Македонија.

Јасно е дека неговото отсуство значително ќе ја олесни задачата за нашиот национален тим во обид да се стигне до третата победа во овие претквалификации, со која ќе се направи уште еден голем чекор напред кон главниот квалификациски циклус за Евробаскет 2021.

Се вчитува...