Косово и без Ведат Муричи од Лацио во Скопје

Репрезентацијата на Косово ќе биде дополнително ослабена на пресметката од полуфиналниот плеј-оф за пласман на ЕП, и без најдобриот свој напаѓач Ведат Муричи.

Како што пренесоа дел од косовските медиуми, офанзивецот на Лацио нема да допатува за пресметката со Македонија затоа што римјаните не сакаат да го ослободат поради повредата која ја има фудбалерот за кого неодамна дадоа 18 милиони евра за трансфер од Фенербахче.

Муричи претходно прележа и коронавирус, но откако се опорави сега Лацио не сака да ризикува поради неговата повреда. Офанзивецот денеска треба да прави тестови, по што ќе биде познато дали ќе настапи против Македонија.

Претходно, како што е познато, од составот на Косово отпаднаа и Милот Рашица, Воца и Криезиу, а Амир Рахмани од Наполи е во задолжителна изолација поради коронавирусот.

Натпреварот меѓу Македонија и Косово се игра во четврток (8. октомври) од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...