Костадинов: Настапот за најдобриот национален тим е остварување на мојот сон

Македонската репрезентација денеска од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје го очекува последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020, против Израел. И покрај фактот дека натпреварот нема резултатско значење од аспект на битка за позиција која води на ЕП, огромна е желбата во националниот табор со триумф да заокружи квалификацискиот циклус.

По одличното деби во сениорската селекција на претходниот меч со Австрија, Тихомир Костадинов вели дека тоа за него е остварување на детскиот сон, посакувајќи квалитетен натпревар да повтори и против Израелците.

„Од мали нозе сум на стадион, сонував постојано еден ден да бидам дел од најдобрата македонска репрезентација и конечно сега го живеам својот сон. Мислам дека одиграв добар натпревар против Австрија, па доколку шанса и против Израел ќе се потрудам да го дадам максимумот. Оваа репрезентација низ овој квалификациски циклус покажа дека може да игра со секој противник, па затоа огромен е мотивот со триумф против Израел да се затвори оваа година“ – вели Костадинов.

Натпреварот меѓу Македонија и Израел на националната арена „Тодор Проески“ се игра со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...