Костадинов: Пандев пред мечот со Грузија одржа говор по кој сите плачевме

Во интервју за полските медиуми по трансферот во Пјаст Гливице, македонскиот репрезентативец Тихомир Костадинов зборуваше за настапите за македонската репрезентација на Европското првенство.

„Тоа искуство беше неверојатно. Ние сме мала земја, и беше голема чест да се игра на Европското првенство. Заслуживме да се пласираме. После тој бараж со Грузија не можевме многу да славиме поради тоа што имаше карантин. Имаше голема забава низ улиците на Скопје, но тоа не траеше многу поради пандемијата“, вели Костадинов.

Костадинов откри дека пред одлучувачкиот натпревар во Тбилиси, Горан Пандев имал многу емотивен говор.

„Тоа беше многу трогателен говор. Ни кажа дека ќе се откаже од сите медали и од медалот во Лигата на шампионите, само Македонија да се пласира на Евроспкото првенство. Рече дека е среќен што е со нас и дека ќе се бори за тоа. Зборуваше пет минути а во моментов кога ги видов соиграчите, видов дека многумина од нив плачеа, и не можеа да ги задржат солзите. Знаев дека не беше можно да се загуби таков натпревар“, рече Костадинов.

Костадинов зборуваше со суперлативи за капитенот Пандев.

„Уникатен фудбалер. Не треба да зборувам за неговите квалитети. Тој е многу добар човек кој се согласува со сите. Сака да помогне секому. Најимпресивно е тоа што игра на високо ниво и на 38 години. Во Македонија отвори и клуб, сега играат во Првата лига и имаат одлични услови. Ова е многу важна работа за македонскиот фудбал“, изјави Костадинов. 

Репрезентативецот се осврна и на фудбалот во Македонија…

„Шкендија во моментов е првак и многу организиран клуб. Но, таму нема многу пари да се платат играчите, нема многу услови, а терените треба да бидат подобри. Но, има многу талентирани играчи. Многу наши млади брзо ја нашуштаат земјата да ги исполнат соништата за голема кариера. Ете, по тој пат тргнаа Елмас и Барди, тие тргнаа по тој пат“, рече Костадинов.

Се вчитува...