Костовски: Не добив награда во времето на Иванов, Арнаудов, Хаџи-Ристески…, но никогаш не е доцна

Легендарниот македонски коментатор, Атанас Костовски кој со години ги следеше настапите на македонските спортисти и ги пренесуваше натпреварите на телевизиските екрани доби награда за животно дело од страна на Фудбалската федерација на Македонија.

82-годишниот Костовски целиот свој работен век го мина во Македонската Радио Телевизија. Добивајќи го признанието на манифестацијата „Најдобри во македонскиот фудбал“, популарниот Таско истакна дека му е чест што добива награда за животно дело, а истовремено посака пласман на ЕП 2020 на Македонија, притоа искрено заблагодарувајќи му се на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

„Не добив ваква награда во времето на Иванов, Арнаудов, Хаџи-Ристески и Ѓорѓиоски. Благодарам Мети. Никогаш не е доцна за награда. Ви посакувам македонска европска, 2020 година. Посакувам сите мои колеги од јавниот ТВ сервис и од комерцијалните телевизии да имаат таква можност каква што сум имал јас. Да известуваат и коментираат кога нашата репрезентација ќе биде на Европско првенство и тоа на македонски јазик. Тогаш коментаторите остануваат засекогаш запаметени“, изјави Костовски.

Се вчитува...