Кожуф ја прифати оставката на Сенев, Стојчев и Деспотовски кандидати за нов тренер

Последните два неочекувани порази на Кожуф од Гевгелија против Караорман во Струга и Вардар од Неготино во Гевгелија  беа причина тренерот Трајче Сенев да поднесе оставка. На синоќешниот состанок на раководството на клубот беше донесена одлука оставката на Сенев да биде прифатена и Кожуф  само по две пролетни кола ќе мора  да бара нов шеф на стручниот штаб.

Според зборовите на спортскиот директор на клубот Ристо Танев веќе има кандидати за местото на Трајче Сенев, се ќе биде познато  по разговорите со двајца тренери во текот на денешниот ден кога треба да биде донесена одлука кој од тие двајца ќе го води Кожуф до крајот на пролетната сезона. Како што не информираа од клубот, раководните луѓе беа задоволни од досегашната работа на Сенев, сакаа да го задржат, но тој од морални причини поднесе оставка, иритиран од судењето на мечот со Вардар.

Според информациите до кои дојдовме, еден од кандидатите е поранешниот репрезентативец на Македонија, и член на неколку екипи во Македонија и странство, Филип Деспотовски. Деспотовски работеше во младинските категории на Вардар, а беше помошник на Ѓоко Хаџиевски во Обединетите Арапски Емирати. Второто име кое се споменува е Ѓорге Стојчев, екс тренерот на Академија Пандев. Исто така една од опциите е Милан Илиевски, поранешниот тренер на Работнички.

Се вчитува...