Кожуф сезонава е вистинско освежување во второлигашкото натпреварување

Фудбалерите на Кожув од Гевгелија, кои се сигурно најмлади во Единствената втора лига на Македонија, имаа импресивен старт во првите четири кола во новото првенство. Четири натпревари, четири победи од кои две во гости и со својата игра и резултатите го привлекоа вниманието на љубителите на фудбалот.

Го победија Арсими / 2:0/ и Вардар од Неготино /2:1/ во гости, на свој терен Караорман /3:0/ и Скопје /4:2/ и сериозно можат да им ги расипат сметките за пласман во Првата лига на главните фаворити Пелистер, Беса и прилепска Победа. Дали ќе успеат во тоа ќе покажат наредните две дерби средби со Пелистер дома и Беса во гости.

„Не летаме во облаци. Имаме млада екипа, најстариот играч Бојан Иванов има 28 години, другите се тука од 19 до 21 година. Тие се иднината на клубот. Ме радува што навивачите се вратија на трибините, некако целиот град живее за фудбалот. Имаме и полна финансиска подршка од Општината Гевгелија и градоначалникот Доне Сарамандов. Навистина одлично стартувавме, но првенството е долго, има уште многу натпревари да се одиграат. Меѓутоа, доколку постигнеме успешни резултати на двете средби што не очекуваат во следните недели, со Пелистер и Беса, тогаш можеме да се надеваме и за највисок пласман па и да размислуваме за засилувања за пролетниот дел“, изјави тренерот на тимот Трајче Сенев.

По овие резултати во првите четири кола на Кожув, во Гевгелија се чувствува извесна раздвиженост, како во оние убави стари времиња кога Кожув играше во Првата лига, кога неговиот дрес го носеа Боро Узунов, Марин Каракабаков, Петко Петков, Мојсеј Морарцалиев, Ване Трајков, Никола Гелебешев, Мите Беќаров, Ѓоко Атанасов, кога тренер на оваа блескава генерација беше битолчанецот Наум Бутевски.

„Мораме да бидеме задоволни со овие први успешни резултати, кои покажаа дека сме на добар пат да го вратиме фудбалот во Гевгелија од оние златни денови. Но она што најмногу ме радува тоа е фер плејот на гостувањата против Вардар во Неготино и Арсими, со кого игравме во Мала Речица. Иако, победивме, наидовме на одличен прием, пречек и испраќање за пофалба. По мечот со Арсими, гледачите не испратија со аплауз кога го напуштавме теренот. Им благодариме за тоа. Ќе се реваншираме и ние кога ќе ни бидат гости. И добро е така да продолжи на сите терени во Втората лига“, изјави спортскиот директор на клубот Ристо Танев. 

М.Мицковиќ

Се вчитува...