Кожув го заврши својот дел од задачата, триумфирајќи во мечот од последното коло против Куманово со 79-76, со што прволигашот од Гевгелија остана во игра за пласман во плејофот. Кожув е рамо до рамо со ФМП во оваа трка, па за освојување на осмото место неопходно ќе биде ФМП да загуби во последното коло против ТФТ, во спротивно тимот од Кисела Вода ќе се најде во разигрувањето за највисок пласман, а гевгеличани ќе водат битка за опстанок.
Денешниот дуел мина во целосна доминација на домашните кошаркари, кои беа видно мотивирани наспроти кумановци, кои од претходно си го имаат обезбедено местото во плејофот. Мечот беше решен уште во првата четвртина што Кожув ја доби со 27-14, по што гевгеличани рутински ја одржуваа предноста до самиот крај. Гостите дури во самата завршница влегоа во серија поени, предоцна за да се направи целосен пресврт.
Марко Симоновски одигра одличен меч и со 17 поени, 8 скока и 8 асистенции беше најзаслужен за победата, додека најефикасен кај кумановци беше Ливингстон со 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА