Кожув и Николов продолжуваат заедно: Да го вратиме клубот онаму каде припаѓа

Кожув и следната сезона ќе биде предводен од младиот стратег Павле Николов. Дваесетидевет годишникот го превзема клубот на крајот на месец март и на последните три прволигашки средби забележа две победи и еден пораз од кои една против Куманово, а само полошата кош разлика во меѓусебените дуели против Академија ФМП ги оддели „црвено-белите“ од место во разигрувањето за титула.

Наместо тоа клубот заврши во плеј-аутот во кој се сретна против Црн Дрим, а и покрај поразот на првиот натпревар, гевгеличани се изборија за место во „елитата“ и следната сезона, добивајќи ги следните две средби против стружани.

Костурот на тимот ќе остане и следната сезона, договор со клубот имаат Марко Симоновски, Томислав Петров, како и перспективниот Ристе Дуев, а тимот е блиску и до продолжување на соработката со Предраг Пајиќ. Амбицијата на клубот и следната сезона ќе биде пласман меѓу најдобрите шест екипи во првенството.

„Останувам во Кожув и следната сезона откако го продолживме договорот. Костурот останува ист и во следната сезона, со некои играчи веќе имаме договори, а во следниот период ќе работиме и на ангажирање на засилувања со цел да се избориме за место меѓу најдобрите шест екипи следната сезона. Оваа сезона пандемијата не спречи да избориме место во таа Суперлига, но се надевам дека следната сезоната ќе тече без проблеми и потешкотии како оваа и ќе го вратиме клубот онаму каде што припаѓа“, изјави за ЕКИПА Павле Николов.

Се вчитува...