Кожув капитулираше пред МЗТ Скопје

МЗТ Скопје во седмиот овосезонски натпревар стигна до својата петта победа, славејќи на гостувањето против Кожув со резултат 79-89. Откако во првото коло беа поразени во Гевгелија од Блокотехна, избраниците на тренерот Кочов овојпат ја научија лекцијата, знаеја како да ги намдинат проблематичните периоди во мечот и на крајот заслужено стигнаа до нови бодови.

Домашните кошаркари целосно му парираа на фаворитот во првото полувреме, во неколку наврати имаа и по шест поени предност, но сепак на одмор се замина со минимална позитива на гостите од Скопје (46-47). Кожув последен пат поведе со 51-50, по што МЗТ се врати во посакуваниот ритам и го диктираше темпото до самиот крај. По 30 минути игра резултатот гласеше 60-66, а Кожув најмногу се доближи на „минус пет“ (68-73), за МЗТ со четири поени во низа на Вудард да се одлепи и потоа до крајот на мечот да нема дилеми околу победникот на овој натпревар.

Иванов беше прв играч на МЗТ Скопје во оваа победа со 19 поени, 14 постигна Медфорд, а еден помалку вториот Американец Вудард. Најдобри стрелци во таборот на Кожув беа Луис со 20 и Пековиќ и Штерјов со по 11 поени.

Се вчитува...