Кожув реди победи, младите „штркчиња“ издржаа само едно полувреме во Гевгелија

Кошаркарите на Кожув триумфираа над МЗТ Скопје 2 со убедливи 104-92, четврта победа во низа за прволигашот од Гевгелија кој целосно ги надмина проблемите со кои се соочи од стартот на сезонава. Беспрекорниот напад со кој раководеше американскиот плејмејкер Чез Вилијамс и овојпат беше клучен фактор за успехот на Кожув, младите „штркчиња“ успеаја да парираат едно полувреме, но не можеа да го издржат темпото до самиот крај и го претрпеа седмиот пораз во осмиот прволигашки меч сезонава.

МЗТ Скопје 2 имаше минимално водство 11-14 по четири минути игра, но Кожув ја стегна одбраната, заигра поразноврсно во нападот и со серија од 12-0 успеа резултатски да се одлепи. Првата четвртина заврши со водство на домашниот тим од 30-25, но гостинскиот состав успеа да се врати, па на одмор се замина со минимални 49-47 за Кожув. Како пресуден се покажа третиот период во кој тимот од Гевгелија покрај ефикасниот напад конечно заигра цврстово одбраната, МЗТ 2 немаше одговор, па овие десет минути завршија со убедливи 33-17 за Кожув. Остатокот од мечот беше само рутина за избраниците на тренерот Николов, кои лесно ја задржаа двоцифрената предност и на крајот славеа со убедливи 104-92.

Петте члена на стартната петорка на Кожув стигнаа до двоцифрен ефект, Кире Николовски беше најефикасен со 26 поени, зад него следеа Граниќ со 20, Симоновски и Чез Вилијамс (12 асистенции) со по 14 поени и Горан Главчев со 12 постигнати поени. Прв стрелец на поразениот тим беше Американецот Ренсом, кој оствари импресивен дабл-дабл од 32 поени и 12 асистенции.

Се вчитува...