Кожув самиот се победи: Стајиќ го „даруваше“ МЗТ Скопје

МЗТ Скопје по голема битка триумфираше со 76-74 во дерби-дуелот од десеттото коло против Кожув, добивајќи го во неизвесна завршница и вториот овосезонски дуел со ривалот од Гевгелија. Гостите имаат за што да жалат бидејќи водеа во целата последна четвртина, но во последните три минути не постигнаа ниту еден поен. Трагичар беше поранешниот плејмејкер на МЗТ Скопје, Бобан Стајиќ, кој со две загубени топки во последните триесетина секунди им ја подари победата на „металците“.

Кожув подобро го отвори натпреварот, поведувајќи со шест поени (13-19, 15-21), но шутот на домаќините проработе пред крајот на четвртината, па со тројките на Херис и на Крстевски МЗТ Скопје поведе со 28-22. Јасно беше дека гостите немаат намера да се предадат, избраниците на Јончевски одговорија со иста мера, па по водството на „металците“ од 30-22, тимот од Гевгелија одговори со серија од 14-1.

На одмор се замина со минимално водство на Кожув од 47-48, „металците“ не постигнаа поени во првите четири минути од третата четвртина, но предводени од Дамјан Стојановски актуелните прваци се вратија и во последната четвртина се влезе со само два поени предност на гостинскиот состав. МЗТ инсистираше на шутеви од далечина на стартот од четвртиот период, избраниците на Кочов влегоа во серија промашувања, па Кожув стигна и до девет поени предност (61-70).

Гостите имаа водство од 67-74 на три минути до крајот, но капитенот Стојановски го предводеше шампионот до нов камбек, па „сино-белите“ намалија на 73-74 на 80 секунди до крајот, принудувајќи го Јончевски да побара тајмаут. Сепак, Стајиќ им подари топка на домаќините на половина минута пред крајот, по што Хиндс реализираше за водство на „металците“ од 75-74 на 12 секунди пред последниот свиреж на сирената. И при последниот напад повторно Стајиќ ја имаше топката в раце и ја загуби, подарувајќи му ја на тој начин победата на својот поранешен клуб.

Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски со по 23 поени беа најдобри поединци во победничкиот тим, додека најефикасен во таборот на Кожув беше Мареро со 19 поени и девет скокови.

Се вчитува...