Кожув се спаси во Битола

Кожув многу потешко од очекувањата стигна до триумф на гостувањето против Пелистер, славејќи со 79-82 дури по продолжение откако тимот од Гевгелија едвај се спаси од пораз во регуларниот дел од натпреварот.

Пелистер беше подобар тим во првите 20 минути, на одмор битолчани заминаа со водство од 42-36. Кожув успеа да се врати во вториот дел од мечот, а битолчани имаат за што да жалат бидејќи во неизвесна завршница со тројката на Арсовски во последната минута влегоа со предност од еден поен. „Пелистерци“ имаа и „плус два“, но Штерјов погоди кога беше најважно за Кожув и го одведе мечот во продолжение.

Полни со самодоверба, гостите беа подобри во дополнителните пет минути и стигнаа до конечна победа.

Харис беше најефикасен кај Пелистер со 27 поени, попусто кога Американецот ги промаши клучните два шута, за победа во регуларниот дел и за израмнување при последниот обид од продолжението. Во редовите на Кожув најдобри поединци беа Пековиќ и Штерјов со по 19 поени.

Се вчитува...