Кожув се засили со поранешен играч на МЗТ Скопје и Куманово

Лошиот почеток на сезоната во која Кожув забележаа четири порази во низа ги натера „црвено-белите“ да направат промени во својот ростер па така на плејмејкерската позиција е доведен поранешниот член на МЗТ Скопје и Куманово, Еди Синадиновиќ.

Искусниот 33-годишен Србин претходната сезона на кратко беше дел од составот на Куманово пред преселбата во естонското првенство каде настапуваше за Талина Калев. Синадиновиќ е добро познат во македонската кошарка откако претходно го носеше и дресот на МЗТ Скопје во сезоната 2009/10, како и Овче Поле сезона подоцна.

Станува збор разигрувач кој држи три рекорди по бројот на асистенции во три различни првенства – Босна и Херцеговина, Чешка и Естонија па јасно е дека со него Павле Николов добива искуство кое е потребно за тимот кој по четири кола постигнува најмалку поени по натпревар.

Проблем со овој трансфер кој може да се јави е тоа што договорот е „отворен“ и Синадиновиќ може да замине за подобра понуда, слично како во случајот со Куманово, но од клубот велат дека има и клаузула во договорот и нема што да се загуби.

Останува да видиме само дали гевгеличани ќе успеат да го регистрираат играчот пред утрешниот натпревар со Феникс 2010 кој ќе биде од големо значење за „црвено-белите“.

„Знаеме кој е Еди Синадиновиќ и што треба да донесе за нашиот клуб. Искусен играч кој долго време настапува во силни првенства, а има и искуство во Македонија во МЗТ Скопје и Куманово па го познава и нашето првенство и верувам дека нема да му треба многу време да се привикне во тимот. Доколку успееме да ја средиме документацијата очекувам и да настапи во следниот натпревар“, изјави за ЕКИПА, Павле Николов.

Се вчитува...