Кожув во потрага по засилувања за Супер-лигата

Кожув влезе во победнички ритам во клучниот дел од сезоната, па со значајните триумфи на гостувањата против Куманово и против МЗТ Скопје екипата од Гевгелија направи огромен чекор напред кон Супер-лигата. Тренерот Јончевски успеа да ја крене атмосферата во екипата, но и нему му е јасно дека за борба за висок пласман во најелитното друштво неопходни ќе му бидат дополнителни засилувања во играчкиот кадар.

Рокот за трансфери трае до стартот на Супер-лигата, а желба на Јончевски е да донесе најмалку уште едно квалитетно домашно засилување. Кожув покажува интерес за Адем Мекиќ, кој е интересна опција со оглед на фактот дека Куманово нема да се пласира во Супер-лигата, па репрезентативецот ќе биде достапен за трансфер во завршницата од сезоната. Заедно со Мекиќ интересен за Кожув е и плејмејкерот Думиќ, кој беше најдобар играч на кумановци оваа сезона.

Како можна опција се споменува и Дарко Соколов, искусниот кошаркар на МЗТ Скопје, кој не добиваше преголема минутажа во редовите на вицешампионот во досегашниот дел од сезоната. Се очекува неговата улога во тимот дополнително да се намали во Супер-лигата, каде клубовите ќе имаат право на по тројца странци на терен, па доколку Соколов стане достапен за трансфер, Кожув дефинитивно ќе биде еден од главните клубови во трката за негов потпис.

Се вчитува...