Крај на дилемите: Муричи остана во Рим, нема да игра со Македонија

Ведат Муричи дефинитивно ќе го пропушти дуелот со Македонија во битката за билет за ЕВРО 2021, објави попладнево Фудбалската Федерација на Косово. Пред неколку часа на официјалната страница на Лацио беше објавено дека римскиот клуб ќе му дозволи на својот нов голгетер да замине за татковината да се приклучи на националниот тим, но на крајот сите дилеми беа разрешени – Муричи нема да може да им помогне на репрезентативните колеги на октомвриските натпревари.

„И покрај огромниот труд вложен од Фудбалската Федерација и големата желба на фудбалерот, како и коректниот однос на клубот Лацио, сепак е невозможно Ведат Муричи да се појави во составот на Косово на следните натпревари. Врз фудбалерот денеска беа извршени лекарски прегледи и се очекуваше веднаш по тестовите да замине за Приштина. Сепак, тестовите покажаа дека не постои никаква шанса тој да биде подготвен за натпреварот со Македонија, како и за наредните два натпревари на нашиот национален тим“, се вели во соопштението на Фудбалската Федерација на Косово.

Отсуството на одличниот голгетер е одлична вест за нашиот состав, особено ако се знае дека косовскиот селектор ќе го нема на располагање ниту Рашица од Вердер, уште еден играч кој беше меѓу главните адути на Косово во групната фаза од Лигата на Нации.

Се вчитува...