Крај на една ера: Алегри си оди од Јувентус

Масимилијано Алегри доминираше на италијанската фудбалска сцена ка1ко предводник на Јувентус, но трофејниот стратег летово ќе си замине од кормилото на „старата дама“. Неуспешните обиди да се стигне до трофејот во Лигата на шампионите се покажаа клучни, па тој не постигна договор за продолжување на соработката со Јувентус, поради што ќе му биде дозволено летово да си замине од најтрофејниот италијански клуб.

Алегри и Јуве имаат договор до јуни 2020, но последните преговори меѓу тренерот и претседателот Ањели само ги потенцирале разликите во нивните визии за иднината на клубот. Затоа, постигнат е договор Алегри без никаква отштета да си замине од Јуве и да прифати една од понудите што пристигнаа на негова адреса. Барса покажува интерес, но голем дел од медиумите на Апенинскиот полуостров тврдат дека Алегри веќе ја донел одлуката за својата следна дестинација во кариерата – францускиот првак ПСЖ.

Јувентус веќе го има и решено прашањето околу неговиот наследник, и тоа Антонио Конте, стратегот што Алегри пред пет години го замени на клупата на „старата дама“. Желба на Ањели е да го доведе Пеп Гвардиола, но тоа во моментов е невозможна мисија, па директорите Недвед и Паратичи успеале да го убедат првиот човек на Јувентус дека Конте е идеална опција за „црно-белите“ во моментов. Токму затоа екс-стратегот на Челси ја одбил и понудата на Рома, свесен дека е многу блиску до целосен договор за враќање назад во Јуве.

Се вчитува...