Крај на една ера: Имобиле заминува од Лацио

Чиро Имобиле ги минува последните месеци во дресот на Лацио откако искусниот голгетер донесе одлука да го напушти римскиот клуб на крајот од оваа сезона.

Имобиле минатото лето имаше богати понуди од Саудиска Арабија кои ги одби со желба како капитен да го предводи Лацио во Лигата на Шампионите. Тоа се оствари, но слабите игри на голгетерот и потпросечните резултати на римскиот клуб придонесоа дел од навивачите да се свртат против капитенот, кој беше цел на навреди од тифозите на Лацио.

Како што јавува „Кориере дела сера“, токму тоа е причината поради која Имобиле е решен да го напушти клубот. Голгетерот смета дека со своето однесување сите овие години не заслужил таков третман и навреди кон неговото семејство. Тој за одлуката веќе ги известил најблиските, како и членови на раководството на Лацио кои најавиле дека нема да му стојат на патот. Интер покажува сериозен интерес за овој одличен напаѓач, но Имобиле веќе ставил до знаење дека од почит кон „лацијалите“ нема да се пресели во друг италијански клуб.

Најголеми шанси за негов потпис им се даваат на клубовите од Саудиска Арабија, кои минатото лето не жалеа пари да го доведат во своите редови.

Се вчитува...