Еден од најискусните аргентински фудбалери, Николас Отаменди, официјално стави крај на својата репрезентативна кариера. Искусниот стопер одлучи да се повлече на 38-годишна возраст, а последниот настап во дресот на „гаучосите“ го запиша во финалето на Светското првенство, каде Аргентина по продолженија беше поразена од Шпанија со 1-0.
Отаменди влезе во игра како резерва во своето четврто Светско првенство, а по завршувањето на турнирот преку социјалните мрежи емотивно се збогува со националниот тим.
„Ова се најтешките зборови што некогаш сум ги напишал. Денес се збогувам со аргентинската репрезентација, но си заминувам со огромна гордост што имав чест да ја претставувам мојата земја. Трофеите ќе останат дел од историјата, но љубовта кон овие бои ќе ја носам засекогаш“, напиша Отаменди.
Во дресот на Аргентина дебитираше пред 17 години, а зад себе остава импресивна репрезентативна кариера со 139 настапи и осум постигнати голови.
Тој беше еден од столбовите на генерацијата која ја освои светската титула во Катар во 2022 година, како и трофеите на Копа Америка во 2021 и 2024 година.
„Уште како дете сонував да го носам овој дрес. Тоа беше најголемата чест што ми ја подари фудбалот. Секогаш играв со срце, со гордост и со чувство на одговорност кон милионите навивачи. Судбината сакаше мојот последен натпревар да биде финале на Светско првенство. Не заврши онака како што посакувавме, но си заминувам со крената глава, бидејќи знам дека сите дадовме максимум“, порача искусниот дефанзивец.
На крајот, Отаменди испрати уште една порака до својата татковина.
„Заминувам мирен, знаејќи дека оставив сè на теренот. Никогаш не штедев труд и никогаш не престанав да верувам. Благодарам, Аргентина, што ми овозможи да го живеам сонот – да станам светски шампион и да го носам најубавиот дрес на светот.“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
