Крај на сезоната во АБА, МЗТ Скопје ќе си остане во вториот ранг по своја вина

Сезоната во кошаркарската регионална АБА лига нема да продолжи. Ова е одлуката која доаѓа од состанокот одржан преку видео-конференција со претставниците на клубовите учесници. Реалната слика е дека во моментот натпреварувањето не може да продолжи во брзо време, а и нема реална потреба за тоа бидејќи се познати учесниците во Евролигата и во Еврокупот за следната сезона.

Суспензијата на првенството значи дека нема да биде прогласен шампион и нема да има испаѓање, а треба да се приклучат најдобрите две екипи од АБА 2, Борац Чачак и Сплит. Македонскиот претставник МЗТ Скопје Аеродром самиот е виновен што се најде во незавидна позиција, на третото место во втората по ранг дивизија од регионот, откако нанижа три порази во последните три кола пред паузата. Сплит и МЗТ имаат идентични 13 победи и девет порази по одиграни 22 кола во АБА 2.

Официјалното соопштение за заклучоците ќе следи по завршувањето на состанокот на клубовите и раководството на АБА – лигата.

Се вчитува...