Крај за Тим на Ролан Гарос: „Маратонот“ му припадна на Шварцман

Диего Шварцман е првиот полуфиналист на Ролан Гарос откако аргентинскиот тенисер по огромна битка успеа да го совлада Доминик Тим со 3-2 во сетови. Овој маратонски дуел траеше пет часа и девет минути, а Аргентинецот успеа да се врати од 1-2 и да стигне до своето прво гранслем-полуфинале во кариерата. Истовремено, Шварцман ја прекина серијата на противникот, со оглед на фактот дека Тим имаше четири полуфинални пресметки во низа на Ролан Гарос, пред денешната елиминација во четвртфиналето од францускиот гранслем-турнир.

Мечот го одбележаа бројни пресврти, Шварцман го доби првиот сет со 7-6, за Тим да возврати триумфирајќи во вториот со 5-7. Аргентинецот потоа прокоцка 5-3 во третиот сет што го загуби во тајбрејк, а Тим има за што да жали откако при водство од 2-1 имаше и 2-0 во четвртиот сет, но му дозволи на ривалот да се врати. Шварцман поведе со 4-2, Австриецот успеа да се врати, но аргентинскиот тенисер беше поумешен во тајбрејкот и се избори за решавачки петти сет. Во него, Шварцман доминираше на теренот и заслужено триумфираше со 6-2.

Аргентинскиот тенисер за противник во полуфиналето ќе го има победникот од вечерашниот дуел меѓу Рафаел Надал и Јаник Синер.

Се вчитува...