„Кралевите“ абдицираа во Москва, се „потат“ Лопетеги, Мурињо, Ковач…

Хулен Лопетеги се соочува со се поголем притисок на клупата на Реал Мадрид откако „кралевите“ вечерва загубија од ЦСКА Москва со 1-0 во рамките од второто коло од Лигата на шампионите. По серијата слаби игри во домашното првенство сега Реал потфрли и во елитното европско натпреварување, давајќи повод на критичарите уште погласно да говорат против Лопетеги, под чие водство е факт дека Реал игра далеку под нивото што му доликува на актуелниот европски првак.

Хрватот Влашиќ беше стрелец на единствениот гол уште во 2. минута, ЦСКА потоа промаши неколку шанси за втор гол, додека Кашемиро и Бензема ја погодија гредата од голот на рускиот состав. Во второто полувреме во убава шанса се најде и Маријано, но и тој биеше само во рамките од голот, а во 95. минута судијата поради бурна реакција (за недосуден прекршок од Варан при шанса за Реал) го исклучи голманот на ЦСКА, Игор Акинфеев.

Един Џеко беше критикуван за слабите игри во последно време, но босанскиот ас одговори на најдобар можен начин, постигнувајќи хет-трик во победата од 5-0 над Плзен (стрелец на третиот гол беше Ундер, а четвртиот погодок беше дело на Клајверт).

Разочарувачки настап имаше и Баерн Минхен, кој на домашен терен ремизираше со Ајакс 1-1 и уште повеќе се зголеми притисокот врз Нико Ковач. Баерн прв поведе преку Хумелс, гостите од Амстердам израмнија во првото полувреме, а во вториот дел не реализираа и неколку стопроцентни шанси (во 92. минута Шене ја погоди гредата) за целосен пресврт што ќе значеше и сензационален триумф на „Алијанц арена“.

Уште еден стратег што се соочува со огромен притисок е Жозе Мурињо, кој со Манчестер јунајтед ремизираше на домашен терен против Валенсија (0-0). Очајната атмосфера во тимот беше пресликана и за време на вечерашниот натпревар, во кој „ѓаволите“ воопшто не наметнаа иницијатива, а најубавата шанса ја пропуштија во финишот, кога Рашфорд од слободен удар ја погоди гредата.

Лион поради казна од УЕФА го играше денешниот дуел со Шахтјор пред празни трибини, но францускиот тим и без поддршката од своите навивачи се врати од негатива од 0-2 и со головите на Дембеле и на Дубоа стигна до реми со кое остана на врвот на табелата во својата група.

ГРУПА Е: АЕК – Бенфика 2-3, Баерн – Ајакс 1-1.

ГРУПА Ф: Хофенхајм – Манчестер сити 1-2, Лион – Шахтјор 2-2.

ГРУПА Г: ЦСКА М. – Реал М. 1-0, Рома – Плзен 5-0.

ГРУПА Х: Јувентус – Јанг бојс 3-0, Манчестер ј. – Валенсија 0-0.

Се вчитува...