„Кралевите“ го купуваат Давид Алаба

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, го крена палецот нагоре за трансферот на австрискиот интернационалец Давид Алаба од Баерн Минхен, пишува германскиот „Билд“. Неговиот договор со Баерн истекува во јуни 2021 година, а баварскиот клуб ќе мора да го продаде по завршувањето на оваа сезона доколку сака и да заработи нешто од неговото заминување. Во меѓувреме, раководството му понуди и можност за продолжување на соработката, но Давид Алаба сака да ја промени средината.

„Кралевите“ бараат решение за левата бековска позиција со оглед дека Марсело влегува во зрели фудбалски години. Алаба веќе една деценија е професионалец во дресот на Баерн Минхен, има непроценливо искуство, несомнен квалитет, а од друга страна има само 27 години и уште многу може да понуди во европскиот фудбал. Зидан смета дека сега е идеалната можност за „кралевите“ да го доведат поливалентниот фудбалер кој може да игра на повеќе позиции и во одбраната и во средниот ред. Реал Мадрид е подготвен да плати 40 милиони евра за негов ангажман.

Давид Алаба го промени и агентот во пресрет на летниот преоден рок. Го ангажираше Пини Захави, кој има одлични релации со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

Се вчитува...