Криштопанс: Атмосферата во Вардар беше тажна, многу неисполнети ветувања…

Даинис Криштопанс по неколку месеци минати во Берлин се подготвува за трансферот од соништата и преселбата во ПСЖ. Сепак, летонскиот „бомбардер“ не заборава дека најголемите успеси во кариерата ги направи како член на Вардар, клуб во кој и најмногу напредуваше како играч.

„Мислев дека многу знам ракомет, а излезе дека правев речиси се погрешно. Во Вардар го научив шпанскиот систем на игра, да обрнувам внимание на сите детали кои се клучни за да се дојде до успех. Сосема поинаку ја разбирав тактиката додека не дојдов за да играм за Раул Гонзалес во Вардар. Најтешка ми беше првата сезона, кога бев единствено засилување на тимот што стана европски првак. Многу време минував на клупата, но знаев дека треба што поскоро да го стигнам нивото на соиграчите, не на физички туку на психолошки план. Во нападот имавме толку многу додавања и комбинации, невозможно беше сето тоа да се научи низ само еден или два тренинзи, мораше да мине време“, вели Криштопанс.

Токму Раул беше клучен фактор во трансферот на Летонецот во ПСЖ, што беше договорен пред една година.

„Кога си одеше од Скопје, Раул ми порача дека ќе ми се јави за да ме побара во ПСЖ. Тоа ми остана во главата, бидејќи сакав пак да работам за тренерот од кого научив толку многу за само една сезона. Го чекав речиси цела година, а тогаш ми се јави и ми кажа: Даинис, се сеќаваш ли што ти ветив… Ми ја објасни својата визија за клубот и каде ме гледа мене во целиот тој проект“, се присетува Даинис Криштопанс.

Леворакиот „бомбардер“ беше еден од првите што го напуштија Вардар, решавајќи да си замине и кариерата да ја продолжи во Фуксе Берлин.

„Останаа долговите од Вардар. Има ветување од Самсоненко дека ќе бидеме исплатени до крајот на годинава, се надевам дека ќе го исполни. Ситуацијата во клубот, целокупната атмосфера стануваше се потажна и потажна бидејќи слушавме ветувања што не се исполнуваа. Покрај тоа, се повеќе растеше улогата во клубот на Михајло Михајловски, за кого знаевме дека ќе го преземе управувањето. Тој повеќе се интересираше за случувањата за наредната сезона, па кога дојде понудата од Берлин решив да ја прифатам“, открива Криштопанс.

Се вчитува...