Криштопанс: Фала Вардар, за сите освоени пехари…

Даинис Криштопанс од денеска и официјално е нов член на Фуксе Берлин, откако летонскиот „џин“ реши да стави крај на финансиската агонија во Вардар и да си замине од Скопје неколку месеци пред договорениот трансфер во ПСЖ. Тој денеска и официјално беше промовиран во нов член на „лисиците“ од Берлин, а во првата изјава како член на Фуксе се осврна и на времето минато во црвено-црниот дрес.

„Пред се сакам да му заблагодарам на Вардар, на луѓето таму за спектакуларното време што го минавме заедно и за многуте освоени титули. Трофејот во ЛШ беше нешто навистина неверојатно и уникатно. Сега со гордост ќе го носам дресот на Фуксе Берлин, доаѓам во еден од најдобрите клубови во Германија и верувам дека ќе продолжам да се развивам како играч“, изјави Криштопанс по потписот за новата екипа.

Тој нема да може да настапува за Фуксе Берлин во ЕХФ-Купот. Криштопанс своето деби во дресот на новиот клуб ќе го има на неделниот меч од Бундес-лигата против Магдебург.

Се вчитува...