Криштопанс се враќа за битката со Мешков Брест

Вардар ќе биде значително засилен за саботниот натпревар од Лигата на шампионите против Мешков Брест, откако Даинис Криштопанс ги надмина проблемите со повредата и отпатува со „црвено-црната експедиција“ за Белорусија.

Летонскиот „џин“ се повреди во СЕХА-лигата против Војводина, по што потоа ги пропушти двете средби од ЛШ против Киелце. Кокшаров експериментираше на овие средби со бековска линија со крилата Дибиров и Чупиќ на неприродни позиции за нив, што се одрази и врз резултатите, па Вардар освои само еден бод во двомечот со полскиот првак.

Со враќањето на Криштопанс се решава значителен проблем во нападот, но и се засилува одбраната за ова вообичаено незгодно гостување за „вардарци“.

Актуелниот европски првак денеска полета за Белорусија, во тимот се наоѓа и Дисингер, а во Скопје остана единствено Сергеј Горбок, кој се уште се жали на повреда. Во експедицијата се наоѓаат и младите Кизиќ, Карапалевски и Кукуловски.

Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во лигата на шампионите, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот дуел сезонава во ЛШ победи Вардар со 36-31.

Средбата меѓу Мешков и Вардар е закажана за сабота во 17,30 часот, со пренос на МТВ 1.

Се вчитува...