Криза е – нема пари за „ѕвезди“ во Реал Мадрид

Финансиската криза допрва ќе се почувствува во светскиот фудбал, а според весникот „Марка“ Реал Мадрид ќе биде еден од оние клубови кои ќе претрпат огромни загуби, што ќе се одрази врз плановите за следната сезона. Финансиските проекции на „кралевите“ покажале намалување од 150 милиони евра од планираните приходи на клубот, сума што би можела уште повеќе да се зголеми доколку и во новата сезона остане правилото натпреварите да се играат без присуство на публика.

Токму затоа, претседателот Флорентино Перез донел одлука – во текот на летово нема да се трошат огромни суми на нови фудбалери, затворајќи ја вратата за нови „мегаѕвезди“ да пристигнат на „Сантијаго Бернабеу“. Реал беше поврзуван со Килијан Мбапе, Ерлинг Халанд и со Садио Мане, тренерот Зидан сакаше во својот тим да го види и Пол Погба, но ставот на претседателот е јасен – нема пари за мегатрансфери во текот на летниот преоден рок.

Напротив, приоритет ќе биде продажбата на фудбалери на кои Зидан на смета. На врвот на листата се наоѓаат Герет Бејл и Хамес Родригез, кои само на име плата заработуваат вкупно 30 милиони евра, а „кралевите“ ќе се обидат да го продадат и Лука Јовиќ откако Србинот не се прослави на теренот, но и прекрши неколку клупски правила со што се најде во немилост на Зидан и на управата.

Се вчитува...