Кризата го тресе Вардар: Криштопанс два дена не тренира и чека исписница

Европскиот првак Вардар се соочува со тотален колапс, откако ракометарите почнуваат се погласно да си ги бараат парите што газдата Сергеј Самсоненко им ги должи. Шишкарев веќе си обезбеди трансфер во Веспрем, на беспарица се пожалија и Дибиров и Дисингер, но зборовите во дела прв ги претвори Даинис Криштопанс, кој одбил да тренира и инсистира доколку не биде исплатен да му биде дозволено да си замине од Скопје, со раскин на штета на клубот.

Тој се рехабилитираше од повредата поради која не настапуваше кон крајот на ланската година, се појави во тимот против Кил, но летонскиот „џин“ по враќањето назад во Скопје не се појавил на тренинзите, одбивајќи да му се стави на располагање на тренерот Алушовски. Причината е јасна – огромните долгови на управата на клубот кон него и премногуте лажни ветувања дадени во изминатиот период. Криштопанс веќе има договорено трансфер во ПСЖ од 1 јули 2020 година, неизвесно е дали предвреме би се преселил во Париз, но јасно е дека за врвен десен бек како Летонецот сигурно ќе има заинтересирани клубови меѓу кандидатите за трофејот во Лигата на шампионите.

Вардар го очекува клучен меч на домашен терен со Мотор, за осигурување на пласманот во осминафиналето од ЛШ, а евентуалното отсуство на Летонецот сигурно дополнително ќе ја искомпликува работата на тренерот Алушовски. Доколку Криштопанс повлече нога, лесно може да се случи неговиот пример да го следат уште неколку ракометари, што ќе ја искомпликува работата и при одбраната на трофеите во СЕХА-лигата, па дури и во македонското првенство во кое Вардар во последните години беше неприкосновен.

Даинис Криштопанс e член на Вардар од 2017 година, кога го засили македонскиот првак од редовите на Брест Мешков.

Се вчитува...