Крсте Велкоски: Имаме квалитет за да одиграме добро против Австрија

Македонската фудбалска репрезентација се комплетираше и се подготвува за претпоследното искушение од овој квалификациски циклус за ЕВРО 2020. В сабота следи дуелот со Австрија во Виена, а Крсте Велкоски смета дека има квалитет во националниот тим за да одигра на високо ниво против ривалот што убедливо не совлада во Скопје.

„Мислам дека овие два натпревари ќе бидат навистина тешки, ни недостасуваат неколку фудбалери, но сепак имаме квалитет да се обидеме да освоиме што повеќе бодови и да останеме на третото место во групата. Австрија е многу квалитетна репрезентација, играат одлични натпревари, но наше е да се потрудиме да одиграме на високо ниво и силно да се спротивставиме. Ритамот на игра сигурно ќе биде на максимум, но и покрај отсуството на неколкумина фудбалери мислам дека физички сме подготвени за предизвикот. Со добар резултат од овие два натпревари ќе ја задржиме атмосферата за тоа што не очекува во март”, изјави Крсте Велкоски.

Македонскиот национален тим в петок патува за Виена.

Се вчитува...