Крстиќ од Морнар потпиша за Фени индустри

Фени индустри значително ги засили своите редови ангажирајќи го поранешниот младински репрезентативец на Србија, Немања Крстиќ. Тренерот Малинков беше во потрага по квалитетен играч кој би ја покрил крилната позиција, а од неколкуте опции кои беа во игра на крајот беше постигнат договор со Крстиќ.

Станува збор за квалитетен кошаркар кој подеднакво добро се снаоѓа на позициите „два“ и „три“. Крстиќ (205см, 86 кг) сезонава ја почна во црногорскиот тим Морнар, екипа со која настапуваше и во рамките од АБА-лигата, но си замина откако не се избори за поголема минутажа. Претходно Крстиќ со успех има настапувано и за Игокеа, тим со кој стигна до двојна круна во шампионатот и Купот на БиХ.

Српскиот интернационалец во текот на следната седмица ќе пристигне во Кавадарци, а своето деби во дресот на Фени се очекува да го има на завршниот турнир од Купот на Македонија, што ќе се игра токму во Кавадарци.

Се вчитува...