„Крвникот“ на Миовски е англиски репрезентативец со втор црвен картон во само четири меча (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски заработи тешка повреда на лигаментите на зглобот по бруталниот старт врз него на мечот на неговиот Абердин против Сент Мирен во Премиерлигата на Шкотска.

Крајно шокантен беше стартот на фудбалерот на Сент Мирен, Тјери Смол во 31. минута од средбата директно на ногата на македонскиот напаѓач со сета своја бруталност. Според многумина повеќе од брутална постапка на 18-годишниот Смол кој е младински англиски репрезентативец, член на Саутемптон кој е на позајмица сезонава во Сент Мирен во Шкотска.

Смол е член на репрезентацијата на Англија до 19 години, а сега со повик и за настап во селекцијата до 21 година. Брутално го повреди Миовски токму пред квалификацискиот натпревар на Македонија против Англија кој не очекува на 19. јуни на „Олд Трафорд“. Крајно зачудувачки потег на Смол, за кого интересно тоа беше втор црвен картон во последните четири кола во шкотскиот шампионат.

Не е никаква тајна, дека Миовски претходно нагласуваше дека со нетрпение го очекува дуелот против Англија во квалификациите за ЕП 2024, токму и поради фактот што настапува на Островот. За жал, сега, ќе мора да паузира со надеж дека подготвен ќе се врати за следната сезона.

Бојан Миовски доцна синоќа потврди дека за среќа не станува збор за скршеница на зглобот, најавувајќи дека во следната сезона уште посилен ќе се врати на фудбалските терени.

Се вчитува...