Кугис: Не го прашав Криштопанс за совет, без размислување дојдов во Вардар

Артурс Кугис пристигна летово во Вардар свесен за големиот предизвик – да се наследи Дејан Милосављев како прв голман на актуелниот шампион на Европа. Летонскиот чувар на мрежата кој игра топло-ладно на стартот од сезонава во интервју за руските медиуми откри како течеле преговорите со „црвено-црните“.

„За мене беше изненадување кога ја добив понудата од Вардар. Имав бројни понуди, но кога дојде Вардар без размислување прифатив бидејќи понуда од таков клуб не се добива двапати во кариерата. Тренерот Дејан Периќ дојде да гледа мој натпревар во живо, имаше гледано и други средби од летонската репрезентација, па на крајот тој самиот ме покани да дојдам во Вардар. Среќен сум што ја донесов таа одлука, имам можност да работам со врвен стратег и веќе чувствувам напредок во мојата игра“ – изјави Кугис.

Тој за соиграч во Скопје го најде поранешниот соиграч Даинис Криштопанс, но откри дека „бомбардерот“ на „вардарци“ немал никаква улога во неговата одлука да дојде во овој клуб.

„Искрено, не разговарав воопшто со Криштопанс на оваа тема, кога дојде понудата без размислување ја прифатив. Можеби клубот го прашувал Даинис за мене како човек и како голман, да даде некаква препорака, но јас не побарав совет бидејќи знаев дека трансфер во Вардар е вистинскиот чекор за мојата кариера“ – истакнува летонскиот чувар на мрежата.

Се вчитува...