Кукоч: Не ми треба „Куќата на славни“ за да знам што сум постигнал во животот

Тони Кукоч има право да биде разочаран откако легендарниот хрватски кошаркар осма година по ред не беше примен во кошаркарската „Куќа на славни“. Сепак, поранешниот ас на „биковите“ не дозволува тоа да му стане опсесија, уживајќи во животот во близина на Чикаго.

„Само да не не покоси овој коронавирус, сите заедно да останеме живи, се друго ќе дојде на свое. Не знам кој е член во тој меѓународен одбор на „Куќата на славни“, на кого воопшто би можел да му се лутам. Не се оптоварувам со тоа, ако не биде догодина, најверојатно ќе биде во 2022 година. Само да не биде кога мене веќе нема да ме биде. Јас сум свесен за се што сум постигнал во животот, на кошаркарските терени, не ми треба да влезам во „Куќата на славни“ за да станам свесен за својата величина. Верувајте, нема причина да се нервирам за тоа бидејќи во моментов се случуваат толку сериозни работи низ светот, што таа номинација воопшто не е значајна“, истакна Кукоч.

Тони Кукоч во кариерата има три титули во НБА-лигата со Чикаго билс, а еднаш беше избран за „најдобар шести играч“ во НБА. Воедно, тој има три титули европски клупски првак, трипати беше избиран за МВП на Евролигата, а во 1990 беше и најдобар стрелец на ова натпреварување.

Се вчитува...