Кулибали: Не се откажавме, верувавме во себе до последниот момент

Наполи важи за извонреден офанзивен тим, па изненадувачки улогата на херој на вечерашното дерби му припадна на дефанзивецот Кулибали, кој се најде на вистинското место по корнерот од десната страна и со силен удар со глава го матираше Џиџи Буфон. Наполи благодание на тој гол се приближи на само еден бод негатива зад Јувентус, на четири кола до крајот на сезоната, па избраниците на Сари со огромен оптимизам ќе влезат во самата завршница од шампионатот.

„Знаевме колку е тешко, но верувавме во себе, во сопствениот стил на игра, во тренерот. Јувентус е многу силен, но ние бевме убедени дека можевме да го победиме овде. Не престанавме да веруваме во скудетото и ќе продолжиме да се бориме до самиот крај. Пресреќен сум што ги израдував навивачите, со ваков пристап ќе играме до крајот на сезонава, желни конечно да се закитиме со титулата“ – изјави Кулибали по натпреварот.

Наполи во следното коло ќе има незгодно гостување против Фиорентина, но тешка задача ќе има и Јувентус, кој на „Џузепе Меаца“ во Милано ќе се сретне со Интер.

Се вчитува...