Кулушевски доби нов повик за настап за Македонија, но повторно одби

Македонскиот селектор Игор Ангеловски изминатиов период повторно имал разговори со поранешниот кадетски репрезентативец на Македонија, Дејан Кулушевски, сега член на италијанската Парма како позајмен фудбалер од Аталанта, испраќајќи нов повик да го прифати настапот во сениорскиот репрезентативен дрес.

19-годишниот Кулушевски, кој има и шведско државјанство, пред три години одлучи да го одбие повикот за настап во македонскиот дрес, одбирајќи во иднина да игра за Шведска. Сега повторно доби уште еден повик од стручниот штаб на репрезентацијата но останува на ставот да игра за шведската селекција.

„Уште пред три години разговарав со него и со неговиот родител во Охрид, му реков дека сум подготвен да му дадам повик и да биде репрезентативец на Македонија. Тој рече дека е роден во Шведска и дека сака да го носи дресот на таа држава. Имавме контакт и пред еден месец и истото го потврди. Јас како селектор имам сторено се за да го убедам да биде дел од нашата селекција, но сепак е до волјата на фудбалерот“ – истакна селекторот Игор Ангеловски на денешната прес-конференција по соопштувањето на списокот за квалификациските натпревари против Словенија во Скопје и против Полска во Варшава.

Се вчитува...