Кулушевски мора да се врати назад во Парма

Дејан Кулушевски успешно ги мина лекарските прегледи со медицинскиот тим на Јувентус, потпиша петгодишен договор со „старата дама“, но ќе мора да се врати назад во Парма и да ја доигра сезонава во дресот на овој италијански прволигаш. Актуелниот првак се договори со Аталанта за отштета од 35 милиони евра, плус 10 милиони евра во бонуси, но Кулушевски сепак ќе мора да почека до јули за своето деби во дресот на Јуве.

Причина, договорот за позајмица што Аталанта го склучи со Парма на почетокот од сезонава, што неговиот сегашен тим не сака ни да помисли да го раскине. Јувентус го понуди Марко Пјаца во обид Парма во размена за него да го ослободи предвреме Кулушевски, но одговорот од другата страна беше дециден – Кулушевски не мрда од „Енио Тардини“ до крајот на месец мај.

Мора да се истакне дека Аталанта ќе оствари неверојатен профит од овој трансфер, откако клубот од Бергамо во 2016 година го доведе Кулушевски во своите редови за само 165.000 евра.

Се вчитува...