Куман: Треба да прифатиме дека не сме веќе моќни како ПСЖ, Сити и Јунајтед!

Шпанска Барселона поради нерационално работење се доведе на раб на банкрот, а тешката финансиска ситуација и долгот од над 1,3 милијарди евра беа причина што иконата на клубот Лионел Меси си замина од Каталонија, па шпанскиот великан почна нова ера во која со сите потешкотии и без Аргентинецот, многу тешко дека ќе бидат конкурентни пред сѐ во Лигата на шампионите.

Славните денови на Каталонците веријатно завршуваат, зашто Барселона со толкав натоварен долг, прашање е дали со овој тим на теренот може да биде конкурентна за „сребрените уши“, ама сигурно е дека не може воопшто да биде конкурентна на трансфер-пазарот, а летово таму доживеаа еден пораз, кога веќе сигурното засилување Џорџино Вајналдум наместо во Каталонија, слета во Париз зашто доби побогата понуда во последен момент.

„Јас ги разбирам сите навивачи, кои сакаат и сонуваат да го видат овој клуб на старите патеки, знам колку го сакаат клубот, ама мора да сме реални и да прифатиме дека сме во многу тешка финансиска ситуација. Фрустрирачки е, но мора да сме реални, а тоа е дека ние финансиски не можеме да се носиме со клубови како ПСЖ, Манчестер сити или Манчестер јунајтед. Даваме максимум, мора да изградиме победнички менталитет, ама дајте да не се надеваме дека ќе бидеме најдобри на свет. Го загубивме најдобриот фудбалер на светот и затоа инсистирам да бидеме реални. Не можеме да го бараме вообичаеното (трофеи – н.з.) зашто сега имаме поинаков клуб. Сега почнуваме да градиме тим за иднината, па треба сите да сме трпеливи. Педри има 18 години, а на 24 ќе биде поинаков играч, но треба време“, рече Роналд Куман, трнерот на Каталонците.

Се вчитува...