Куманово го совлада Гостивар, плејофот е на дофат

Куманово со одличен натпревар славеше на домашен терен против Гостивар со резултат 77-71, правејќи огромен чекор напред кон осигурување на четвртото место на табелата. Избраниците на Александар Петровиќ влегоа во мечот со предност од една победа во однос на гостиварци, па по денешниот триумф сега имаат две победи повеќе од единствениот ривал во битката за плејофот, на само пет кола до крајот на сезоната.

Кумановци водеа од првата минута, а посериозно се одлепија пред крајот на стартната четвртина, добивајќи го овој перио со 23-14. Избраниците на Марјан Србиновски не се предадоа, трпеливо ја чекаа својата шанса, па во текот на третата четвртина целосно се вратија на резултатски план. Домаќините подобро ја стартуваа четвртата четвртина, поведоа со 64-55, но Гостивар повторно имаше свој одговор, со тројката на Димчевски намалувајќи на 69-68 на две минути до крајот.

При овој резултат гостинскиот тим не искористи два напади со кои можеше да направи целосен пресврт, пред Караколев да ги реализира клучните поени, под прекршок на Таварион, за водство од 72-68 на 24 секунди пред крајот. Во самиот финиш се влезе во серија на слободни фрлања, при што кумановци рутински ја задржаа предноста, на крајот радувајќи се на исклучително важна победа.

Стајиќ беше прв стрелец на победничкиот тим со 17 поени, еден повеќе од Ковач, додека кај Гостивар најдобар беше искусниот Тасовски, чии 24 поени сепак се покажаа недоволни за триумф.

Се вчитува...