Куманово и ТФТ најслабо рангирани пред ждрепката за ФИБА Еврокупот

Македонските претставници Куманово и ТФТ ќе се најдат во последниот „шешир“ при извлекувањето на квалификациските групи за настап во Еврокупот на ФИБА. Европската куќа на кошарката денеска официјално го објави системот за натпреварување за новата сезона, во која директен билет за групната фаза добија 14 екипи: Антверпен, Рилски Спортист, Сарагоса, Краилшајм Мерлинс, Јоникос, Шолнок, Хапоел Гилбоа Галил, Реџана, Ден Бош, Легија, Орадеа, Автодор, Бахчешехир, Киев.

Покрај нив, во Еврокупот на ФИБА ќе се најдат и дел од екипите кои нема да обезбедат учество во Лигата на Шампионите, а остатокот од учесниците ќе биде пополнет со квалификациските турнири во кои ќе учествуваат и македонските прволигаши.

ФИБА ќе организира четири квалификациски турнири, а Куманово и ТФТ ќе бидат дел од петтиот шешир при ждрепката, заедно со австрискиот претставник Виена.

За носители се избрани Ирони Нес Зиона од Израел, кој е актуелен бранител на трофејот, потоа холандски Гронинген, Дњипро од Украина и Бејројт од Германија. Дел од вториот шешир се Бенфика (Португалија), Ираклис (Грција), Керавнос (Кипар) и Енисеј (Русија). Во третиот шешир се наоѓаат Порто (Португалија), Волунтари (Романија), Хапоел Хаифа (Израел) и Академик Пловдив (Бугарија), а како дел од четвртиот шешир македонските тимови ќе добијат некој од следните ривали: СЗТЕ (Унгарија), Трефл Сопот (Полска), Гмунден (Австрија) и Парну (Естонија).

Се вчитува...