Куманово не се предава: Огромна победа во Кавадарци

Кошаркарите на Куманово покажуваат извонреден карактер не откажувајќи се од борбата за шестото место кое носи и влез во Супер-лигата. Кумановци во денешниот меч „да се биде или не“ славеа во Кавадарци над Фени индустри со 82-88, одговарајќи на предизвикот и зголемувајќи си ги шансите за пласман во Топ 6 екипите во мак-баскетот. „Сино-белите“ со победа од 13 поени разлика ќе имаа и предност во случај на идентичен скор со Фени, но во секој случај со денешената победа направија значаен чекор напред.

Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Куманово водеше речиси од почеток до крај на овој натпревар. Гостите имаа убедливи 15-30 на почетокот од втората четвртина, но Фени успеа да се врати. Домашниот тим во третата четвртина го имаше единственото водство (50-49), но Ѓекиќ одговори со пет поени во серија, Куманово повторно влезе во ритам и на крајот заслужено стигна до голема победа.

Мекиќ со 20 поени беше најзаслужен за овој триумф на кумановци, Ѓекиќ оствари дабл-дабл од 17 поени и 10 скокови. Најефикасни кај Фени индустри беа Фундербург со 22 и Каплановиќ со 18 поени.

Фени индустри по денешниот пораз има скор од десет победи и девет порази, додека Куманово има девет победи и девет порази, но и дуел со Шкупи на кој кумановци се огромни фаворити. Како пресудно ќе биде наредното коло во кое Куманово мора да ја совлада Блокотехна, но и да очекува пораз на Фени индустри на домашен терен против МЗТ Скопје во последната рунда, за избраниците на Петровиќ да „скокнат“ на шестото место на табелата.

Доколку двете екипи го завршат шампионатот со идентичен број на победи и порази, во предност е Фени индустри поради убедливата победа на гостински терен во Куманово од 74-86 на мечот одигран на 8 декември.

Се вчитува...